речник контакт

Kако се снаоѓале македонските „капиталисти“ пред двесте години?

„Бизнисмените“ Хаџи Тасе и Хаџи Петко од Башино Село формирале заедничка „фирма“ со капитал од денешни 50.000 евра!

Петар Печков

Македонците Хаџи Тасе и Мано Хаџи Петко од Башино Село пред двесте години формирале заедничка „фирма“ во која двајцата вложиле по 5.000 гроша „броени пари“!

Секако, освен „броените пари“, во „основачкиот капитал“ влегол и подвижен и недвижен имот што го поседувале трговците како самостојни „бизнисмени“. Притоа, сето ова го „ставиле на хартија“, односно потпишале документ за заедничко вложување во кој се прецизирани обврските и должностите што произлегуваат од договорот, како и начинот на распределба на профитот.

Според документот пронајден во архивата на Македонското научно друштво во Софија, договорот бил потпишан на 5 јануари 1814 година кога османлискиот грош тежел 6,41 грама, а во него имало само 2,95 грама сребро!

Се разбира, документите од тоа време не се интересни само поради нивната содржина туку и поради писмото и јазикот на кој биле напишани.

Станува збор за исклучително важно пишано сведоштво за јазикот и писмото на кој комуницирале Македонците пред два века. А, освен документот за „ортаклк“ потпишан од Хаџи Тасе и Мано Хаџи Петко, постои и уште еден документ за „бизнис-зделка“ од тоа време склучена меѓу купувачот Мартин Стоимиров и продавачот Хаџи Тасе од Прилеп.

Со документот потпишан од Хаџи Тасе и Мано Хаџи Петко се утврдува дека „содружниците“ ќе ја делат печалбата и загубата за четири години, а по истекот на четирите години повторно ќе може да се договорат да продолжат со заедничка работа.

И трговија и лихварство

Договорот за „ортаклк“, како што го нарекуваат самите, е напишан на велешки дијалект, па и од тој аспект е многу интересен за јазична интерпретација и анализа. Еве го ексклузивниот документ до кој дојде „Дневник“, истражувајќи ја архивата на Македонскиот научен иститут: „От денеска овде покажуам како се чиниме ортаци сос Хаджи Тасета. И тури капитал 5.000 гроша броени пари да работат.

На среде от овие пари, што ке им даде госпот – или кар или зарат – братски да делат наполу. И имаме збор за четири години да работиме заедно ортаклк. Откак се сврши това време, ако сака и еден и друг, пак можат за повеке време да останат; затова правиме две писма едно како друго, да се знае. 1814, јануари 5. Башино село. Ас Хаджи Тасе. Јас Мано Хаджи Петко.“

Веднаш под потписите додадено е дополнение, или анекс, како што би рекле денес, во кој се прецизира работата на нивната „банка“ како составен дел на фирмата: „Kако е горе згрешено не сме покажале од овиа капитал ште требат повеке пари, или десет хилади или дваесет – да стои добр ( жирант н.з.) Хаджи Тасе секои пат, и да работат сос фаиде (камата н.з.) по 50 пари на месец на сто-то.“ Според тоа, Хаџи Тасе е овластен да работи со позајмување на „броени пари“ со месечна камата, и за тој дел од бизнисот ќе гарантира и одговара лично тој. Значи, според документот, Хаџи Тасе во фирмата вложува 5.000 гроша „жива пара“, но вложува и капитал во иста вредност како Мано Хаџи Петко, што значи дека „компанијата“ располага со капитал од неколку десетици илјади гроша.

Фактот дека „десет или дваесет“ (илјади гроша) секогаш ќе му бидат на располагање на Хаџи Тасе за „лихварскиот“ дел од бизнисот, и дека е договорено да ги дава на „клиенти“ со договорено „фаиде по 50 пари на месец за сто-то“, зборува дека станува збор за бизнис кој опфаќа неколку сегменти, односно не само трговијата што најверојатно е главниот дел од дејноста на компанијата „Хаџи Тасе и Петко“ формирана пред точно 200 години во Башино Село кај Велес. Зошто Хаџи Тасе бил одреден да го води „лихварскиот бизнис“, а Мано Хаџи Петко другиот дел од работата, знаат само тие, односно тоа секако е еден вид „деловна тајна“.

Петкратно обезвредување на грошот
Kолку биле богати Хаџи Тасе, Мано Хаџи Петко и другите македонски бизнисмени од почетокот на деветнаесеттиот век? Со колкав капитал располагале, односно колку вредел нивниот капил во однос на куповната вредност на грошот. Сепак, колку биле богати Македонците пред двесте години?

За да ја утврдиме барем приближно вредноста на тогашниот грош, односно колку денес би вредел еден грош, колку би била неговата противредност или куповна моќ, се обидовме да најдеме некакви бројки во нашите стари ракописни книги, турските дефтери и пописни статистики, како и во прегледите што ги воделе тогаш се уште младите балкански земји во однос на цените и вредноста на паричните единци кои биле во оптек.

Во 1820 година, значи само шест години по потпишувањето на договорот меѓу Хаџи Тасе и Мано Хаџи Петко за „ортаклк“, османлискиот грош, паричната единица со која работеле нашите трговци, тежел 6,41 грам, бил со чистота од 46 проценти, значи во него имало само 2,95 грама сребро. Две години подоцна продолжило обезвреднувањето на грошот, па тој сега тежел само 4,28 грамна, бил со чистота од само 54 проценти, што значи содржел 2,32 грама сребро, иако само единаесет години пред тоа еден сребрен грош тежел 9,60 грама, имал 46,6 проценти чистота, или 4,42 грама сребро.

Или, ако се земат како репер 1780 година, кога грошот тежел цели 18,50 грама, и 1822 година кога содржел само 4,28 грама, вредноста на османлиската валута се намалила за близу пет пати. Дали ваквиот пад на вредноста на грошот имала влијание на бизнисот на Хаџи Тасе и Мано Хаџи Петко овде не би можеле да тврдиме, особено затоа што тие веројатно своите „загуби“ во трговијата ги покривале со каматите од „лихварството“, како што сега прават банките.

Еден леб – два гроша!

Сепак, да се вратиме на грошот, и на негова вредност во 19 век, а притоа да се обидеме да направиме некаква споредба со капиталот на Хаџи Тасе и Мано Хаџи Петко, макар и преку податоци што се однесуваат за поголем период, односно за неколку децении пред и по нивниот „ортаклк“. Во нашите стари ракописни книги, вредноста на грошот секогаш се споредува со неговата моментна куповна моќ, а многу ретко со некоја друга валута. Записите оставени на маргините на некои евангелија и стари ракописни книги, на пример, сведочат дека Ѓурчин Kокале, на пример, во 1838 година купил пет книги од манастирот „Лисокој“ за седум гроша, или 12 минеи за 81 грош.

Според записи од 1741, 1747, но и од 1875 и 1879, вредноста на грошот може да се види преку споредбата со она што можело да се купи или плати со одредна сума. Во еден од записите стои дека „пченицата помина килото дванаесет гроша а ’ржта помина килото осум гроша“, или во истиот запис „кутија сребрена чини сто и дваесет гроша“.

Во 1741 година „едно јагне за три гроша, ока сол за пет гроша“, додека од запис шест години подоцна може да се види дека некој јеромонах купил четири книги за пет гроша. Во 1875 година „сламата грош за ока се продава, и ја нема, а говедата и конето и овците манастирски умреха оти нема слама“. Значи, вредноста на грошот зависи од моменталната понуда на стока на пазарот.

Во запис од 1818 година некој монах запишал дека „едно јагне се продаде за пет гроша“, а во евангелие од 1879 година е запишано дека „тогаш беше евтина овцата, сосе јагне се даваше за 120 гроша, само јагне 60 гроша, маслото 20, сиренето 10 гроша, пресното 6 гроша, урдата 5 гроша, месото јагнешко до 8 гроша, јарешко 5 гроша“.

Значи, грошот за само шеесетина години станал послаб за речиси петнаесет пати! Според бугарски извори, пак, во 1880 година, плата на судија во Бугарија била околу 1.500 гроша, а еден квалитетен леб од прва категорија во истото тоа време се продавал за два гроша. Значи, ако во 1814 година нашите трговци од Башино Село едно јагне продавале за пет гроша, а сега едно јагне чини околу 50 евра, тогаш по некоја наша слободна процена само оној капитал од 5.000 гроша што како „броена пара“ ги вложил Хаџи Тасе денес би вределе околу 50.000 евра!?

Се разбира, вкупниот капитал бил значително поголем, зашто во документот стои дека десет до дваесет илајди гроша ќе се „вртат“ со месечна камата од 50 пари на сто гроша. Само тој „банкарски капитал“ е околу 200.000 евра, што за тоа време за трговци од Башино Село сепак е мошне голем капитал. Што се случило со фирмата не се знае, како што не се знае и дали била продолжен „ортаклакот“, дали некој ја наследил „компанијата“ и дали денес има потомци на Хаџи Тасе и Мано Хаџи Петко во Башино Село?

Што е грошот?

Според проф. д-р Лилјана Макаријевска од Институтот на македонски јазик, грошот всушност е сребрена веницијанска монета која била воведена во времето на дуждот Андреја Kонтарини во средината на 14 век. Со својата стабилна тежнина од 2,178 грама и непроменлива чистота на сребро од 98,5 проценти, грошот станал доминантно платежно средство во трговијата низ Медитеранот. Сепак, кај нас, терминот грош најчесто се идентификува со платежното средство на Отоманската Империја, монета од 40 пари со која се водела речиси целокупната платежна активност во империјата.

                                     текстот е преземен од Дневник

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »